03.01.2024 Скопје
По две години без поддршка од Министерството за култура, одржувањето на Вевчанскиот карневал годинава ќе биде финансирано од државата со 1, 8 милиони денари.
За таа цел, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Oпштина Вевчани, Спасе Кочовски, денеска потпишаа договор за финансирање на оваа најстара карневалска манифестација во земјава и воедно наш бренд, за кој има интерес и во регионот и во светот.
Според градоначалникот Кочовски, Вевчани е најмалата општина во Република Северна Македонија, со недоволен буџет, па секоја поддршка за карневалот е добредојдена. А, придобивките на Вевчанскиот карневал се препознаени и затоа министерството останува негов доследен партнер.
Карневали има во речиси сите европски земји. Но, интересот за вевчанскиот, како обележје на овдешната култура и како туристичка атракција не стивнува. Вевчанци имаат посебен дух и гостопримство, посебна креативност, духовитост и критичен однос кон општествените случувања, што од година во година стануваат сѐ попривлечни и атрактивни за светските медиуми и гости од регионот и од Европа. Сите овие придобивки Министерството за култура ги препознава и останува доследен партнер на оваа манифестација.
„Општина Вевчани е најмалата општина во Република Северна Македонија. Може да се каже и во Европа. Едно населено место сме ние со 2 – 5.000 жители. Буџетот е онаков, каков што е. Меѓутоа, секоја поддршка е добредојдена. Се надевам континуитет ќе има. Вевчанскиот карневал вреди да биде поддржан не само од Министерството за култура. Тука се надевам дека ќе има спонзори од заинтересирани фирми што се од Република Северна Македонија“, кажа градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.
Подготвено од М.Д.