04.01.2024 Скопје
Дали Доналд Трамп би можел да се врати во Белата куќа или Џо Бајден сè уште може да остане во неа? Дали некој во Русија ќе го предизвика Владимир Путин, кој би можел да добие мандат уште шест години?
Имено, оваа година ќе гласа половина свет, а 30 земји избираат претседател. Меѓу нив се изборите во Америка и Русија, кои секогаш се меѓу најследените и привлекуваат најголемо внимание.
Аналитичарите се согласуваат дека ова ќе биде возбудлива изборна година, а резултатите од гласањето ќе се следат низ целиот свет.
Најголемото внимание на светската јавност ќе биде насочено кон пет клучни избори кои ќе го обликуваат глобалниот поредок, а тоа се, покрај претседателските избори во Америка и Русија, изборите за новиот состав на Европскиот парламент, парламентарните избори во Индија, и претседателските избори во Мексико.
Реванш Трамп – Бајден?
Изборниот процес кој сигурно ќе привлече најголемо внимание ширум светот ќе биде во ноември, кога десетици милиони Американци ќе го изберат претседателот, а се очекува да има реванш меѓу најстарите кандидати Џо Бајден (81) и Доналд Трамп (77).
Причината за големиот интерес на светот и важноста на овие избори е затоа што личноста која седи во Овалната соба на Белата куќа има големо влијание врз животот на луѓето во земјата и во странство.
Изборите ќе се одржат на 5 ноември, а победникот ќе служи четири години во Белата куќа, почнувајќи од јануари 2025 година. Кампањата во Америка добро тече, а на почетокот имаше 15 кандидати: девет републиканци, четворица демократи и двајца независни кандидати, иако многу од нив веќе се откажаа од трката.
Претседателот Џо Бајден претходно оваа година најави дека повторно ќе влезе во трката и се очекува лесно да ја добие номинацијата на демократите. Извесно е дека поранешниот претседател Доналд Трамп ќе ја добие републиканската номинација. Сепак, Трамп се соочува со бројни тужби и обвиненија во периодот на кампањата.
Уште шест години Путин?
Се чини дека најмала неизвесност ќе има на претседателските избори во Русија, откако претседателот Владимир Путин (71), кој беше лидер на Русија во последните 23 години, најави дека повторно ќе се кандидира.
Гласањето на претседателските избори во Русија првпат ќе трае три дена, од 15 до 17 март.
Прашањето што повеќето го поставуваат е кои ќе бидат кандидатите што ќе му се спротивстават на Путин? Списокот се уште не е конечен, а најголемо внимание предизвика отфрлањето на кандидатурата на поранешната руска ТВ новинарка Екатарина Дунцова, а како причина се наведени бројни неправилности во документите.
По тајно гласање, Руската комунистичка партија одлучи да ја поддржи номинацијата на Николај Харитонов (75). Иако Комунистичката партија номинално е една од парламентарните опозициски групи, таа ја поддржува политиката на Кремљ.
Партијата „Праведна Русија“ најави дека ќе ја поддржи кандидатурата на Путин. Кандидат ќе биде и лидерот на Либерално-демократската партија на Русија (ЛДПР), Леонид Слуцки. Партијата Граѓанска иницијатива, која не е застапена во Думата, ја поддржа кандидатурата на независниот кандидат Борис Надеждин. Аналитичарите и светските медиуми пишуваат дека Путин се уште ужива широка поддршка и дека најверојатно ќе владее со Русија уште шест години.
Играта за голема моќ на Моди
Речиси една милијарда Индијци ќе бидат повикани на гласање меѓу април и мај, кога најнаселената држава во светот ќе излезе на гласање на кои премиерот Нарендра Моди и неговата националистичка партија БЈП бараат трет мандат.
Политичката кариера и успехот на Моди се изградени на поддршката на повеќе од една милијарда Хиндуси во Индија и на она што критичарите велат дека поттикнува непријателство кон големото муслиманско малцинство во земјата.
И покрај сузбивањето на граѓанските слободи за време на неговиот мандат, Моди е јасен фаворит на изборите и неговите поддржувачи му се заслужни за зајакнувањето на позицијата на земјата на глобалната сцена.
Во август, Индија стана само четвртата земја што слетала вселенско летало без екипаж на Месечината, по Русија, САД и Кина, а планира да испрати човек на Месечината до 2040 година.
ЕУ тест за популистите
Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат од 6 до 9 јуни. Европското законодавство за следните пет години ќе зависи од тоа гласање.
Тоа е најголемото транснационално гласање во светот, кое доаѓа по еден од најбурните периоди во поновата европска историја, во клучен момент кога ЕУ се обидува да се позиционира во поделен свет.
По изборите во 2024 година, бројот на пратеници во Европскиот парламент ќе се зголеми на 720, што е за 15 повеќе од сега.
Гласањето ќе биде тест за поддршка за десничарските популисти, кои добија поттик по победата на неодамнешните избори во Холандија на антиисламската и анти-ЕУ Партија за слобода на Герт Вилдерс, како и минатогодишната победа на премиерот, како и победата на крајно десничарските браќа од Италија на министерката Џорџија Мелони.
Европскиот парламент одлучува за прашања кои се движат од наплата на трошоците за роаминг на мобилни телефони до приватноста на онлајн податоците.
Првата жена лидер на Мексико?
Поранешен левичарски градоначалник на главниот град и бизнисменка со домородни корени се натпреваруваат во претседателската трка која би можела да испише историја во Мексико доколку една од нив стане првата жена лидер на земја со традиција на мачизам по гласањето во јуни.
Поранешната градоначалничка на Мексико, Сити Клаудија Шајнбаум, се кандидира во име на партијата Морено на претседателот во заминување Андрес Мануел Лопез Обрадор.
Нејзиниот ривал Сочитл Галвез беше избран да ја претставува опозициската коалиција Широк фронт за Мексико. Младиот гувернер од државата Нуево Леон, Самуел Гарсија, исто така неодамна се вклучи во трката.
Досегашните анкети покажуваат дека Шејнбаум има значително водство.
Подготвено од А.Ѓ.