15.01.2024 Скопје
Според плановите, вежбата Steadfast Defender 2024 ќе започне на крајот на април и ќе собере повеќе од 40.000 војници на територија која се протега од Балтикот до Полска и Германија.
Адмирал Роб Бауер, воен началник на НАТО, истакна дека Steadfast Defender 2024 ќе биде полигон за тестирање за практикување на испреплетени планови на НАТО и на националните одбранбени планови.
„Новата ера на колективна одбрана е пред нас“, рече Бауер по состанокот на шефовите за одбрана на НАТО, кога овие најавени вежби ги нарече најголеми по Студената војна.
Вежбата Steadfast Defender 2024 доаѓа и како дел од брзиот притисок на НАТО да се трансформира како одговор на светската безбедносна криза предизвикан од инвазијата Руската Федерација на Украина.
Се очекува вежбата да вклучи меѓу 500 и 700 воздушни борбени мисии, повеќе од 50 бродови и околу 41.000 војници.
Британското Министерство за одбрана соопшти дека 20.000 припадници на британската војска ширум Европа ќе учествуваат во оваа голема вежба на НАТО, како и ударна група носачи на авиони, нападни авиони Ф35Б и авиони за набљудување.
Шведска, чија кандидатура за НАТО допрва треба да биде ратификувана од Турција и Унгарија, исто така ќе биде вклучена, со што вкупниот број на вклучени земји ќе достигне 32.
Вежбата е дел од новата стратегија за обука со која воената алијанса ќе спроведува две големи вежби секоја година, наместо една. НАТО, исто така, ќе тренира за спротивставување на терористичките закани надвор од нејзините непосредни граници.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во јуни минатата година изјави дека Алијансата ќе го зголеми бројот на своите сили со висока готовност од 40.000 на „многу над 300.000“. Тоа е дел од историскиот ремонт за пренасочување на алијансата кон тешки воени капацитети наспроти лесните и мобилните сили распоредени на Балканот и Авганистан.
Подготвено од А.Ѓ.