18.01.2024 Скопје
Од први февруари македонските компании кои увезуваат или извезуваат во Србија и обратно, камионите со стока ќе ги мерат само еднаш. Истото ќе се однесува и за стоки кои транзитираат низ двете држави. Директорот на Царинска управа, Стефан Богоев, и директорот на Царинска управа на Србија, Бранко Радујко денеска потпишаа Меморандум за признавање на белешките од мерење на царинските терминали т.н. кантарски белешки помеѓу двете земји.
Директорите на македонската и српската Царинска управа потпишале протокол за признавање на т.н кантарските белешки, односно камионите од 1 февруари нема да се мерат на двете граници, туку само еднаш.
За значењето на потпишаниот протокол, Богоев истакнал дека заклучно со ноември 2023 година трговската размена со Србија изнесува 985,9 милиони евра, при што извозот е 365,9 милиони евра или 2,9 проценти повеќе од претходната година. Притоа целиот увоз, извоз и транзит се одвива преку граничниот премин Табановце на кој минатата година на влез се евидентирани речиси 140 илјади товарни моторни возила, а на излез 170 илјади камиони.
„Сите овие товарни возила на влез и на излез се мереле два пати, еднаш во Македонија и еднаш во Србија, а со потпишување на денешниот Протокол за признавање на т.н кантарските белешки овие товарни возила како што кажав ќе се вагаат само еднаш, што за компаниите ќе значи заштеда на време и пари. Ветив дека Царинската управа ќе делува како партнер на бизнис заедницата, се со цел создавање услови за зголемување на нивната конкурентност на меѓународниот пазар. Чекор по чекор со ваквите мерки овозможуваме остварување на тие цели“, кажа Богоев.
Подготвено од М.Д.