antichki grad vo amazonija

13.01.2024 Скопје

Во Амазонија е откриен огромен антички град, кој бил скриен илјадници години под бујна вегетација.

Научниците известуваат дека куќите и плоштадите во регионот Упано, во источен Еквадор, се поврзани со неверојатна мрежа од патишта и канали. Исто така, известуваат дека ова откритие го менува нашето знаење за историјата на општествата што живееле на тој простор.

Областа е во сенка на вулкан, кој им овозможил на древните жители пристап до плодна почва, но таквата положба можеби довела до крајот на нивната цивилизација. Иако во тоа време имало градови во планините на Јужна Америка, како Мачу Пикчу во Перу, се сметало дека во Амазон има само номадски племиња или помали населби.

Археологот Стивен Ростајн од Национален центар за научни истражувања во Франција изјави дека ова е постаро од кое било друго место за кое се знае во Амазон.

„Имаме евроцентричен поглед на цивилизацијата и оваа локација покажува дека треба да ја промениме нашата идеја за тоа што се култура и цивилизација“, додаде тој.

Градот бил изграден пред околу 2.500 години, а луѓето живееле таму до 1.000 години, според археолозите. Тешко е да се процени точно колку жители имал градот порано, но научниците веруваат дека можело да има 10.000, ако не и 100.000.

Археологот Антоан Дорисон истакна дека ова го менува начинот на кој ја се гледа амазонската култура и дека повеќето луѓе замислуваат мали групи, веројатно голи, кои живеат во колиби.

„Но, сега гледаме дека тие знаеле и како да имаат покомплицирани урбани општества“, истакна Дорисон.

Научниците комбинираа ископувања и истражување на површина од 300 квадратни километри користејќи воздушни ласерски сензори.

Со помош на технологијата LiDAR пронашле 6.000 правоаголни предмети со димензии од околу 20 метри и висина од 2 до 3 метри. Тие беа распоредени во групи од три до шест единици и позиционирани околу квадрат со централна платформа.

„Повеќето од нив биле станбени објекти, со тоа што некои биле користени за церемонијални или религиозни цели. Еден комплекс имал платформа од 140×40 метри“, истакнуваат археолозите.

Објектите биле поврзани со мрежа од прави патишта и патеки, вклучувајќи и една која се протегала на 25 километри.

Дорисон истакна дека патната мрежа е многу софистицирана и се протега на огромно растојание, се е поврзано. Воедно, има и прави агли што, според Дорисон, е многу импресивно.

„Многу е потешко да се изгради прав пат отколку оној што се прилагодува на пејзажот“, додаде Дорисон.

Научниците пронајдоа и насипи со канали од двете страни кои веројатно се користеле за канализирање на обилните врнежи.

Експертите ги пронајдоа првите докази за овој древен град уште во 1970-тите, но ова е првпат да се вршат опсежни истражувања во областа.

„Замислете дека откривте друга цивилизација како Маите, но со сосема поинаква архитектура, обработка на почвата, керамика“, вели археологот Хозе Ириарте од Универзитетот во Ексетер во Англија.

Засега не се знае многу за луѓето кои живееле во античкиот град, освен дека се занимавале со земјоделство и дека јаделе пченка и сладок компир. Во зградите се пронајдени јами и огништа, како и тегли, камења за мелење растенија и изгорени семиња.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author