03.01.2024 Скопје
Согласно правилата на ЕТИАС околу 1,4 милијарди државјани на над 60 земји на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ за престој во период до 90 дена, вклучително и од Република Северна Македонија, по нивното стапување во сила ќе мора да поднесуваат барање за одобрение за патување во државите од Шенген зоната.
Правилата за влез во земјите од Шенген зоната утврдени со Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ЕТИАС), што требаше да стапат во сила на почетокот на 2024 година, според најновите најави од ЕУ ќе почнат да се променуваат кон средината на 2025 година, најверојатно од мај.
Апликацијата за овластување за патување во Шенген зоната ќе треба да се пополни по електронски пат најдоцна 96 часа пред влезот во земја членка на ЕУ. Лицата на возраст од 18 до 70 години при аплицирањето ќе треба да платат седум евра, додека за малолетници и за лица над 70-годишна возраст документот ќе биде бесплатен. Одобрението ќе важи три години од датумот на издавањето или до истекот на важноста на пасошот врз основа на кое и издадено.
Според најавите од ЕУ, овие правила, чиј старт веќе и претходно беше одложуван, ќе се воведат од безбедносни причини поради зголемената стапка на тероризам и криминални активности и нема да претставуваат никакво ограничување за патувања на жителите на земјите што не се членки на ЕУ, а кои се ослободени од визниот режим.
ЕТИАС правилата ќе важат и за државјаните на останатите земји од Западниот Балкан – Албанија, БиХ, Косово, Србија и Црна Гора, како и на Австралија, Велика Британија, Грузија, Израел, Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Нов Зеланд, Молдавија, САД, Украина и на уште 40-тина земји од Средна и Јужна Америка, Азија и Океанија.
Подготвено од М.Д.