jeton-sakiri-3

17.01.2024 Скопје

Новиот Закон за средно образование ќе го замени постојниот кој е изработен во 1995 гоина и ќе овозможи развој на клучните компетенции и вештини кај младите, со особен фокус на дигиталните, неопходни за понатамошното образование и успешно вработување. За прв пат се воведува и кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, а се регулира и ученичкото организирање и учество во носење на одлуки.

„Со новите законски решенија го унапредуваме националниот образовен систем и обезбедуваме повеќе права и можности за наставниците и учениците. Задоволство ми е да споделам дека на иницијатива на Министерството за образование и наука, Владата усвои нов Закон за средно образование и нов Закон за стручно образование и обука, кои беа изготвени преку инклузивен процес во кој учествуваа сите засегнати чинители“, објави Јетон Шаќири, министер за образование.

Со новиот Закон за стручно образование и обука кој ќе го замени постојниот изработен во 2007 година, го регулираме концептот на дуално образование за чија надградба и проширување се заложуваме повеќе години наназад, затоа што е позитивна пракса од развиените европски земји, а ефектот е веќе видлив и во државава. Стручното образование станува интересно, бидејќи наставата е повеќе насочена кон учење преку работа, наместо кон теоријата.

„Законите се проследени до Собранието и очекувам брзо усвојување, затоа што и политичките партии кои се дел од парламентарниот состав, беа поканети и учествуваа во нивното креирање. Сите сме одговорни за образованието, да дадеме придонес во интерес на квалитетна иднина тука“, кажа министерот Шаќири.

Подготвено од М.Д.

About Author