08.01.2024 Скопје
До 28 јануари треба да се избере техничка влада во Република Северна Македонија, нов премиер на Владата ќе биде Талат Џафери, нов претседател на Собранието ќе биде Јован Митревски.
„На 11 јануари ќе имаме Извршен комитет и ќе имаме Централен комитет на партијата, ќе разговараме на тема техничка влада и во деновите кои ќе следат ќе се знаат имињата“, изјави вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој смета дека треба да учествуваат во техничката Влада, но вели дека нема да гласаат во Собранието. Талат Џафери не ја заслужи поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.
Неофицијално, ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи ќе го предложи Наќе Чулев, а за заменик министер за земјоделство Цветан Трипуновски. Кои ќе бидат нивните предлози за министер за труд и социјална политика и заменици министри за финансии и за информатичко општество и администрација засега не се знае. Иако ќе учествуваат со двајца министри и тројца дополнителни заменици, ВМРО ДПМНЕ ќе гласа воздржано и за своите – поради техничкиот премиер.
Од СДСМ велат дека остануваат истите министри, а Митко Бојмацајлиев е нивниот предлог за заменик министер за внатрешни работи. Тој е сегашен шеф на кабинетот на актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Најавената средба на премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, со Мицкоски за составот на новата влада засега не се знае кога и каде ќе се одржи.
Во однос на изборите останува отворено прашањето за составот на Државната изборна комисија. Европскиот сојуз за промени, трите опозициски партии на Албанците во Македонија – Беса, Алтернатива и Демократско движење, го обвинија Џафери за манипулации и најавија бојкот на работата на Собранието ако не се избере нивниот кандидат за член на ДИК. Тие ја повикаа и ВМРО-ДПМНЕ да направи дополнителен притисок и да ги повлече своите двајца члена од ДИК.
Мандатот на техничката влада ќе биде да ги организира парламентарните и претседателски избори закажани на 24 април и 8 мај.
Подготвено од М.Д.