09.01.2024 Скопје
Столчето во Судски совет наменето за врховен судија останува и понатаму празно. Уште еден оглас пропадна и ниту еден врховен судија не се пријавил да биде член на ова тело.
Мирјана Радевска Стефкова последна го претставуваше највисокиот суд во судски, но таа си поднесе оставка по скандалите со разрешувањето на Весна Дамева.
По неа се пријави врховниот судија Наке Георгиев, кој во последен момент пред да даде заклетва се повлече за да може советот да го избере за судија неговиот син со завршена академија. Од тогаш Судски објавува огласи, за кои по 15 дена констатира дека никој не се пријавил, а причина за тоа е резервираноста поради превирањата во Судски, но и неизвесноста од тоа какви промени ќе се случуваат во ова тело, за чија реформа предлози деваа и експерти од ЕУ, испратени како оценска мисија.
Кулминација во релацијата Судски – Врховен беше иницијативата за разрешување на претседателката Беса Адеми затоа што не доаѓала на седници по контроверзното разрешување на Дамева, и затоа што не се одзвала на нивната прва покана по интревјуто во кое говори за политички притисоци врз судиите.
На последниот ден од годината Адеми седна пред комисијата во судски и се соочи со иницијаторот за нејзиното разршеување, Милјазим Мустафа, со порака дека исходот на постапката ќе ја одреди иднината на судството.
Подготвено од М.Д.