22.01.2024 Скопје

Научниците веќе долго време предупредуваат дека ни се заканува глобална пандемија на патогени или „зомби вируси“ од Сибир, кои моментално се заробени во вечниот мраз на Арктикот.

Поради глобалното затоплување на Земјата и климатските промени, може да се „ослободат“ патогените метузалах или, како што научниците веќе подолго време ги нарекуваат „зомби вируси“.

Ова не се непознати патогени за науката, туку болести кои се „замрзнати“ во далечното минато.

Ова е причината поради која е планирана мрежата за мониторинг на Арктикот за да може во рана фаза да се препознаат случаите на болести предизвикани од микроорганизми од минатото. Со тоа би се овозможило формирање на рани карантини и професионален медицински третман на болните со цел да се спречи ширење на инфекцијата.

„Во моментов се анализираат заканите од пандемии на болести кои би можеле да се појават во јужните региони, а потоа да се прошират на север верувајте, тоа е во превид бидејќи таму се вирусите кои имаат потенцијал да заразат луѓе и да започнат нова епидемија на болести“, рече генетичарот Жан-Мишел Клаверие од Универзитетот Екс-Марсеј.

Него го поддржува вирологот Марион Купманс од Медицинскиот центар Еразмус во Ротердам и додава дека не се знае кои вируси лежат во вечниот мраз, но таа смета дека постои реален ризик од појава на болести, на пример многу стар облик на полио.

Имено, Клавери во 2014 година предводеше тим од научници кои изолираа живи вируси во Сибир и покажаа дека тие сè уште можат да заразат едноклеточни организми, иако тие се закопани во вечниот мраз илјадници години.

Истражувањето објавено минатата година открило постоење на неколку различни видови на вирусот, земени од седум различни места во Сибир и покажале дека тие можат да заразат и култивирани клетки. Еден примерок од вирусот бил стар дури 48.500 години.

„Вирусите што ги изолиравме можеа да заразат само амеби и не претставуваат опасност за луѓето. Сепак, тоа не значи дека другите вируси, моментално замрзнати во вечниот мраз, можеби нема да можат да предизвикаат болест кај луѓето. Идентификувавме геномски траги од вируси на сипаница и херпесвирусите, кои се добро познати патогени кај луѓето“, рече Клавери.

Тој објасни дека вечниот мраз покрива една петтина од северната хемисфера и се состои од почва која долго време била на температури под нулата. Научниците открија дека некои слоеви останале замрзнати стотици илјади години.

Клучот за вечниот мраз е тоа што е ладен, темен и слаб со кислород, што е совршено за зачувување на биолошкиот материјал.

Научниците веруваат дека вечниот мраз, на најдлабоките нивоа, може да содржи вируси стари и до милион години, што значи дека се многу постари од нашиот вид, за кој се смета дека настанал пред околу 300.000 години. Сепак, топењето на вечниот мраз не претставува директен ризик, тврди Клавери. Опасноста доаѓа од друго влијание на глобалното затоплување: губењето на арктичкиот морски мраз. Ова овозможува зголемување на морскиот сообраќај и индустрискиот развој во Сибир. Се планираат масивни рударски операции кои ќе направат големи дупки во длабокиот вечен мраз за извлекување нафта и руди. Ова може да ослободи големи количини на патогени, а последиците би можеле да бидат катастрофални.

Имено, историјата на појава на епидемии учи дека еден од клучните двигатели била промената на користењето на земјиштето. Вирусот нипа го ширеле овошните лилјаци кои луѓето ги истерале од нивните живеалишта. Слично на тоа, мајмунските сипаници се поврзуваат со ширењето на урбанизацијата во Африка. На ова би можеле да бидеме сведоци и на Арктикот – целосната промена на користењето на земјиштето може да биде многу опасна по здравјето на луѓето.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *