03.01.2024 Скопје
Шефот на Канцеларијата за воени врски на НАТО во Белград, италијанскиот бригаден генерал Џампјеро Романо изјави дека НАТО ја почитува политиката на Србија за воена неутралност.
Тој додаде дека официјален Белград треба да одлучи во која насока и на кој начин сака да развие партнерство со тој сојуз.
„НАТО целосно ја почитува политиката на Србија за воена неутралност, како и нејзината одлука да остане на партнерско ниво. Фактот што Србија не сака да влезе во НАТО не нè спречи досега да постигнеме одлични резултати… Зависи од Србија кој пат сака да го избере според тоа како ја гледа својата иднина. Без разлика каква одлука ќе донесе Србија, се разбира, НАТО ќе ја почитува. Верувам дека меѓусебното почитување е почетна точка на секоја врска“, вели Романо.
Романо рече дека е свесен дека НАТО се уште е контроверзна тема во Србија поради бомбардирањето во 1999 година и потсети дека генералниот секретар на НАТО неодамна изрази сочувство до сите оние кои изгубија најблиски од двете страни.
„Не смееме да го заборавиме минатото, но можеме да работиме заедно и да одиме напред. Тоа го прават НАТО и Србија преку ова партнерство, ние одиме кон подобра иднина. Повторувам, верувам дека не смееме да го заборавиме минатото, но можеме да одиме напред, како што се случи во Италија, на пример, по Втората светска војна. Тогаш претрпевме многу загуби, не само во животи, туку и во смисла на споменици, култура, инфраструктура и слично. Но, тогаш решивме да погледнеме кон иднината, да одиме напред, а сега сме таму каде што сме. Се надевам дека Србија во иднина ќе биде уште поуспешна од Италија“, изјави Романо.
Тој рече дека Србија е важен и ценет партнер на НАТО, дека оваа соработка е заемно корисна и дека граѓаните на Србија „не се целосно свесни“ колку многу се прави и постигнува преку тоа партнерство.
„Од самиот почеток, ние се обидуваме да создадеме партнерство кое најдобро ќе одговара на потребите и желбите на Србија, со целосно почитување на прокламираната политика на Србија за воена неутралност. Како што веќе реков, Србија соработува со Атлантската алијанса на неколку различни нивоа, во политички, воен и научен домен. Имаме добро воспоставена комуникација, меѓу другото, на највисоко политичко ниво, каде што има редовен контакт меѓу претседателот на Србија и генералниот секретар на НАТО“, рече Романо.
Кога станува збор за воената соработка, тој го спомена учеството на Србија во мировните мисии под покровителство на ОН или ЕУ и како пример го наведе фактот дека српските војници, меѓу другото, работат заедно со италијанските војници во Либан.
„Значи, како што можете да видите, Србија и НАТО се поблиску отколку што изгледа на прв поглед“, рече тој.
Подготвено од А.Ѓ.