OPERA I BALET

03.01.2024 Скопје

Во Националната опера и балет (НОБ) на 12 и 13 јануари со почеток во 20 часот ќе се одржи традиционалниот гала оперски концерт по повод празникот „Василица“.

„Традицијата ќе продолжи и оваа година, па така нашата верна публика ќе има можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии, дуети, хорски делници и балетски точки од светски познатите дела од композиторите: Џ. Росини, В.А. Моцарт, В. Белини, Џ. Верди, У. Џордано, Ф. Лехар, Ж. Бизе, Џ. Пучини, Е. Калман, П. И. Чајковски и други“, велат од НОБ.

Од НОБ посочуваат дека под диригентската палка на гостинот од Канада, Клод Лапалм, врвен диригент, добитник на голем број на престижни награди и признанија, а во режија на Дејан Прошев ќе настапат нашите оперски солисти: Весна Ѓиновска Илкова, Сандра Митровска, Благица Поп Томова, Наде Талевска, Николина Јаневска, Биљана Јосифов, Зоран Сотиров, Александар Стефаноски, Марјан Јованоски, Ристе Велков, Игор Дурловски, Владимир Саздовски заедно со хорот, оркестарот и балетот на Националната опера и балет. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска, а кореограф е Саша Евтимова.

Подготвено од М.Д.

About Author