KOMITET NA NATO

16.01.2024 Скопје

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, од денеска е во официјална посета на Кралството Белгија, каде утре и задутре во Брисел ќе учествува на редовната конференција на Воениот Комитет (ВК) на НАТО.

Генералот Ѓурчиновски ќе учествува во дискусиите за повеќе прашања коишто се од стратешко значење за Алијансата.

Конференцијата ќе ја раководи претседавачот на Воениот Комитет, адмирал Роб Бауер, а на неа ќе присуствуваат и командантот на Врховната Сојузничка команда, генерал Кристофер Каволи и заменикот на сојузничката Врховна команда за трансформација, генерал Крис Бадиа. Обраќањата ќе имаат и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтендберг и неговиот заменик Мирчеа Џоана.

Во издвоени сесии, како што информира Генералштабот на Армијата, ќе се разгледаат потребите и плановите за зголемување на интероперабилноста, зајакнувањето и развојот на способностите и капацитетите, интегрираната противвоздушна и ракетна одбрана, прилагодувањето кон актуелните и идни закани и повеќе други прашања.

На конференцијата ќе се одржи и сесија на советот НАТО – Украина, каде во формат на началници на Генералштабови ќе се разговара за агресијата на Русија над Украина, актуелната ситуација и континуираната поддршка од страна на НАТО за Украина, како и сесија разговори со партнерите од Индо-пацифичкиот регион.

За време на конференцијата, генералот Ѓурчиновски ќе разговара со колегите од НАТО за повеќе теми кои се од взаемен билатерален интерес во одбраната.

Подготвено од М.Д.

About Author