19.01.2024 Скопје

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Оттогаш крштевањето се слави како духовно раѓање и почеток на човековото живеење во верата. Крстот е симбол на христијанството, а света должност е тој да се сака и да се чува. Затоа и за секој православен верник е чест да се извади крстот од водите на реките или езерата во земјава, особено кога тоа се прави во голема конкуренција на капачи. Богојавление се смета за еден од најголемите христијански празници, со кој му се дава значење на крштевањето како една од светите тајни на христијанството.

Според теолозите, крштевањето значи и духовно раѓање, односно со самиот чин на крштевање почнува живеењето на човекот во верата.

„Со овој празник завршуваат дванаесетте некрстени дена, како и циклусот зимски празнувања, во кои спаѓаат прославувањата на Бадник, Божиќ, Нова година и на Василица“, објаснуваат теолозите.

Традицијата на спуштањето на крстот во водите датира уште од времето кога патријархот ги осветувал водите на Босфор во Константинопол, денешен Истанбул. Тој го спуштал крстот со јаже или со конец, за да ги освети водите, а потоа си го повлекувал назад. Верниците му предложиле наместо да го враќа назад крстот со јажето, тие да му го даваат од водата и на тој начин да испросат благослов.

Република Северна Македонија како земја со многубројни обичаи и традиции, за Богојавление има и народни верувања кон кои некои од верниците строго се придржуваат.

Па, така, ноќта спроти Водици сите немажени девојки треба да стават огледалце под перницата, за да го сонуваат човекот за кој ќе се омажат. Исто така се верува и дека девојките треба да замесат тесто, да одвојат четири топчиња и во нив да ги стават имињата на оние што им се допаѓаат. Едно од нив треба да остане празно. Топчињата се ставаат во врела вода и она што прво ќе исплива горе на површината ја претскажува судбината.

Според постарите, кои потекнуваат од Гевгелискиот Регион, на Водици треба да биде ладно, да се стане рано и луѓето треба да се измијат со вода од бунар или од чешма. Водата треба да биде пресна, односно да не биде стоена. Се верува дека стоената вода носи несреќа. Првиот што ќе се измие треба да фрли жито во чешмата и да каже „Господ да даде бериќет оваа година“.

Се верува дека на овој ден небото се отвара и секоја искрено замислена желба се исполнува. Некои родители дури чекале да ги крштеваат своите деца на овој ден.

На Богојавление, со крштевањето, почнала Христовата евангелска благовесничка дејност.

Кога се крстил, Христос имал 30 години. Од тој момент ја почнал својата евангелска спасителска дејност. Најпрво, избрал 12 свои ученици и ги нарекол апостоли. Зошто ги нарекол апостоли? Затоа што апостол значи пратеник, а тие биле божји пратеници, нив Христос ги испраќал меѓу луѓето да проповедаат. За таа дејност, тој ги подготвил почнувајќи од Богојавление. По неговото крштевање на Водици, Христос почнал со својата спасителска дејност. Од тој ден, пред апостолите и пред народот, постојано и насекаде поучувал, и со зборови и со дела. А онаму каде што требало, правел и чуда, исцелувал болни и им помагал на луѓето. Им го проповедал евангелието на сите и насекаде. Сè правел од љубов кон човекот. Особено ги сакал децата, болните и сиромашните. Децата имаат посебно место во неговото срце. Ги повикувал кај себе и ги држел во прегратка. На возрасните им велел дека треба да бидат добри како деца.

Подготвено од М.Д.

 

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *