https://www.flickr.com/photos/madsok/49626329806/in/photolist-2iBiUTY-2n3dA6x-6XtqW5-6XsKMU-4eqMvY-EtF81H-4wDTvp-5LDKai-2iKEtzi-5AdgWU-554hM6-XuHzrT-2mezBD1-kJhvek-2kXM5YJ-5TM5PM-4edWt6-qiJG51-dqPBe4-yvVeo-2n4DiA1-4edWnP-2nodm6w-2nEqUSt-gPD2rB-2QZdJ8-7KdmFU-GyRbH9-2i1X5J-2njQJ9Y-6o9z6c-2aFmxkF-H2EsQL-MQUMp-5GTFGU-mgqXW4-2n5Qyvt-2n77NvX-aMFidZ-2mYxkzA-2ijoqFy-2n3dE5n-9mmWFG-2cGHu8R-9A5RDT-9mMxQz-H46L9g-T2dg27-2ijnhca-676iB

24.01.2024 Скопје

Молдавскиот министер за надворешни работи Нику Попеску денеска објави дека поднесува оставка, велејќи дека неговата цел да ја насочи земјата кон Европската унија е постигната, процес со кој проруските сепаратисти се решени да се борат. Малата поранешна советска република, предводена од проевропската претседателка Маја Санду, доби зелено светло на ЕУ во декември за отворање на пристапните преговори, заедно со соседна Украина.

Двете земји очекуваат долг процес на воведување промени и прилагодување кон европските стандарди, за кој Попеску, шеф на дипломатијата од 2021 година, тврди дека веќе започнал пред неколку години.

„Ги исполнив сите обврски во врска со интеграцијата на Молдавија во ЕУ што ги одреди претседателот Санду. Ми треба пауза“, рече Попеску.

Аналитичарите ја фалат неговата улога во поддршката на претседателот за приближување на земјата до европскиот блок и објаснуваат дека тој поднесува оставка затоа што сака да поминува повеќе време со своето семејство кое живее во Франција. Но, неговата оставка доаѓа во чувствителен момент за Молдавија, која оваа година воведе царини за увоз и извоз како дел од нејзината кандидатура за пристапување во Европската унија, по што проруските сепаратисти во Придњестровје повикаа на воена подготвеност.

Лидерот на Придњестровје, Вадим Красноселски, ги повика одбранбените и разузнавачките институции да бидат на „високо ниво на воена подготвеност“ и да одржуваат редовни вежби за оваа цел.

Приднестровје се отцепи пред распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година и водеше кратка војна против новата независна држава Молдавија, една од најсиромашните земји во Европа, лоцирана помеѓу Украина и Романија. Повеќе од три децении, парче земја остана на источниот раб на Молдавија со малку немири, а 2.000 руски „мировници“ сè уште се на линијата што ги дели.

Регионот, зависен од помошта од Москва, вели дека царините му штетат на нејзиниот бизнис, а Красноселски ги осуди како „средновековен данок“. Санду ја осуди руската инвазија на Украина и ја обвини Москва дека се обидува да ја собори од власт. Кремљ возвраќа дека Санду ја поттикнува русофобијата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author