04.01.2024 Скопје
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис направи промени во четири Министерства на позициите министри и заменици-министри.
Ова е прва мини реконструкција на Владата во вториот мандат што го доби пред шест месеци, по изборите на крајот на јуни минатата година.
Владиниот портпарол Павлос Маринакис соопшти дека по одлука на премиерот Мицотакис, направени се промени во составот на Владата.
Сменет е министерот за заштита на граѓаните, кој воедно е и надлежен за полицијата Јанис Иконому, а на негово место доаѓа Михалис Хрисохоидис, кој по петти пат во неговата политичка кариера го презема конкретното Министерство, а промени има и на заменичката позиција.
На местото на Хрисохоидис во Министерството за здравство доаѓа досегашниот министер за труд Адонис Георгиадис, на негово место ќе биде заменик-министерката за образование Домна Михаилиду, а на испразнетото место во Министерството за образование поставена е Јоана Литриви.
Досегашниот владин портпарол Павлос Маринакис ја задржува позицијата, но паралелно, станува и заменик-министер под премиерот.
Подготвено од А.Ѓ.