25.01.2024 Скопје
Мигрантите би можеле да станат и војници на Бундесверот, пишуваат германските медиуми.
Младите Германци не сакаат да се приклучат на војската, па Германија би можела да добие странски војници, односно луѓе кои немаат германски пасош.
Според агенциите, има се помалку млади мажи и жени кои сакаат да ги пополнат редовите на Бундесверот.
Многу млади луѓе не ни размислуваат за војска и војни, а уште помалку ги интересираат обврските од членството во НАТО. Од тоа повеќе се заинтересирани за Ибица, Палма де Мајорка и грчките острови.
Затоа министерот за одбрана Борис Писториус се одлучи за необично решение, кое може да ги разбесни германските конзервативни партии.
Според германските медиуми, Писториус предложил воведување на изменета задолжителна воена служба, односно отворање на Бундесверот за војниците без германски пасош.
„Нема да бидеме првата армија во Европа што ќе го направи тоа“, изјави Писториус.
Тој објаснува дека во Германија има луѓе со мигрантско потекло од втора или трета генерација, кои се уште немаат германско државјанство.
Со оглед на кадровските проблеми во редовите на Бундесверот, германската јавност веќе подолго време разговара за стратегии за регрутирање на нови припадници на војската. Една од споменатите идеи е повторното воведување на задолжителниот воен рок, кој беше укинат во 2011 година.
Минатата година во Бундесверот беше формирана посебна работна група чија задача е да најде можни решенија за „кадровските проблеми“.
Подготвено од А.Ѓ.