04.01.2024 Скопје
Фудбалерите на ПСЖ со триумфот над Тулуз на шампионскиот трофеј го освоија 12. трофеј во ова натпреварување со што станаа убедливо најуспешната екипа во Франција, а Килијан Мбапе стигна до својот 111. гол во дресот на „светците“.
Францускиот репрезентативец на тој начин го престигна Едисон Кавани на листата на најдобри клупски голгетери, а по мечот уште еднаш зборуваше за можноста да го напушти „Паркот на принцовите“ и да се пресели во Реал Мадрид, бидејќи неговиот договор со клубот од Париз истекува на лето.
„Се уште немам донесено никаква одлука за мојата иднина, ниту, да бидам искрен, размислував за тоа, има уште многу работа пред нас, имаме големи амбиции и сакам да бидам максимално фокусиран. Лани до мај не ни размислував за преодниот рок, па нема да размислувам ниту годинава“, изјави Мбапе.
Потоа додаде: „Имам цврст договор со луѓето од клубот и што и да се случи на крајот од сезоната, ниту една партија нема да биде оштетена. Најважно во овој момент е што освоивме уште еден трофеј, сакам да уживам во него“.
Килијан Мбапе повтори дека се чувствува среќен во својот сегашен клуб и дека и покрај недоразбирањата на почетокот на сезоната, има одлична соработка со тренерот Лусио Енрике.
„Тренерот има свои идеи и ние сме тука да се прилагодиме на нив, и колку и да си добар играч, потребно е време. Тој има навика да ми кажува дека квалитетни играчи можат да играат на неколку позиции во тимот, се обидувам да се прилагодам на тоа што го бара од мене, па против Тулуз играв на средината на теренот. Тука сум да помогнам на секој начин што треба и во секој следниот натпревар ќе дадам се од себе да бидам подобар од претходниот за ПСЖ да продолжи да постигнува одлични резултати“, изјави напаѓачот на францускиот тим.
Подготвено од А.Ѓ.