09.01.2024 Скопје
Мар Галсеран, првата шпанска парламентарка со Даунов синдром, изјави дека општеството почнува да гледа дека луѓето со Даунов синдром можат многу да придонесат, но „тоа пред нас е долг пат“.
Галсеран кога имала само 18 години се приклучила на конзервативната Народна партија откако била привлечена од нејзиното прифаќање на традицијата.
Со текот на времето таа напредувала и нејзината посветеност конечно се исплатела минатиот мај кога била додадена како 20-то име на листата на кандидати што конзервативната Народна партија ги имаше на регионалните избори во Валенсија.
Лидерот на конзервативната Народна партија во регионот, Карлос Мазон, на социјалните мрежи напиша: „Добре дојдовте Мар! Одлични вести за политиката, надминување на бариерите“.
Достигнувањето ја катапултира Галсеран на врвот на листата на луѓето со Даунов синдром кои пробиле низ бариерите за да влезат во светот на политиката.
Во 2020 година, Елеоноре Лалу стана првата личност со Даунов синдром во Франција што беше избрана на јавна функција, како член на градскиот совет во северниот град Арас, додека Ирецот, Финтан Бреј, беше поздравен за создавање историја откако беше избран на политичка позиција во земјата во 2022 година.
Во Шпанија, патот на Галсеран во политиката го отворила Анџела Бачилер, која во 2013 година станала првата градска советничка во Шпанија со Даунов синдром во северниот град Ваљадолид.
Според шпанската федерација за Даунов синдром, Галсеран може да биде првата во Европа што ќе се приклучи на регионален или национален парламент.
Во врска со реакциите на интернет, Галсеран изјави дека на социјалните мрежи може да се прочитаат секакви видови на коментари, но сепак, како што истакна таа, има луѓе кои ја поддржуваат.
„Има луѓе кои ме поддржуваат. Но, има и други кои мислат дека не сум способна. Но, тоа се луѓе кои не ме познаваат мене или моето потекло“, истакна таа.
Нејзината нова улога, Галсеран ја опиша како огромна одговорност, потенцирајќи дека сака да научи како да го прави тоа добро, за Валенсијанос, и уште поважно, „за оние од нас кои имаат различни способности“.
Првата шпанска парламентарка со Даунов синдром, Мар Галсеран, се надева дека нејзиното присуство во регионалниот парламент ќе помогне да се уништат многуте предрасуди кои продолжуваат да се чуваат во општеството, особено кога станува збор за луѓето со Даунов синдром.
„Сакам луѓето да ме гледаат како личност, не само поради мојата попреченост“, потенцира Галсеран.
Подготвено од А.Ѓ.