inteligencijaa

15.01.2024 Скопје

Резултатите што ги објави World PopulationRewiev покажуваат дека просечниот IQ на Македонците е 81,91, а заедно со нас на дното во Европа се жителите на Албанија со просечен коефициент на интелигенција од 81,75. Во светски рамки пак, најинтелигентни се Јапонците со 106,48 IQ, а последното место им припадна на Непалците со 42,99 IQ. Македонците и Албанците имаат најнизок просечен коефициент на интелигенција (IQ) во Европа.

Во регионот највисок степен на интелигенција има во Словенија (98,6), а потоа следат Хрватска (95,75), Бугарија со (90,99), Грција (90,77), Србија (89,6) и Босна и Херцеговина, каде просечниот коефициент на интелигенција е 88,54. На дното е Албанија со 81,75.

Просечниот коефициент на интелигенција е вкупниот резултат извлечен од збир на стандардизирани тестови или подтестови наменети за проценка на човечката интелигенција. При изработката на резултатите, во истражувањето се вклучени подтестови за проценка на знаењето по математика и природни науки, како и читање. Меѓу податоците кои се користат за изработката на просечниот коефициент на интелигенција, се и оние од меѓународното тестирање ПИСА.

Токму учениците од Република Северна Македонија се најдоа во групата држави кои покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки според последното ПИСА тестирање од 2022 година, чии резултати беа објавени на почетокот на декември 2023 година.

Според последните резултати забележано е драстично назадување во споредба со тестирањето од 2018 година, иако мнозинството држави на последното рангирање забележаа полоши резултати што веројатно се должи на пандемијата со ковид-19.

„Државата треба да биде сериозно загрижена за резултатите од последното меѓународно тестирање на учениците ПИСА, кои покажуваат уназадување на резултатите по читање, математика и природни науки“, изјави претставничката на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Патриција ДиЏовани, повикувајќи ги лидерите на сите политички партии да се заложат структурните реформи во образованието да станат национален приоритет.

Подготвено од М.Д.

About Author