06.01.2024 Скопје
Најмалку 100 луѓе загинаа во силниот земјотрес што на Нова година го погоди полуостровот Ното и околните области во централна Јапонија, а повеќе од 200 се уште се водат како исчезнати, соопштија денеска локалните власти.
Земјотресот со јачина од 7,6 степени предизвика голема материјална штета и пожари во префектурата Ишикава, на брегот на Јапонското Море, а градските власти во Ваџима, една од најтешко погодените области, веруваат дека има околу 100 локации каде што луѓето се уште се заробени под уништените згради и чекаат спас.
Според денешните податоци, 211 лица се уште се водат како исчезнати, а спасувачите брзаат да ги ослободат преживеаните од урнатините во лоши временски услови, каде до недела се очекуваат дожд, а потоа и снег во овој регион.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида им порача на претставниците на релевантните министерства и агенции на состанокот на штабот за вонредни состојби „упорно и темелно да спроведуваат спасувачки операции за да спасат што е можно повеќе животи“.
Властите се уште се борат да достават помош поради оштетените патишта во Ишикава, каде повеќе од 31.000 луѓе се привремено евакуирани во 357 засолништа.
Земјотресите продолжуваат во регионот Ното, а земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала и над 5 степени според јапонската сеизмичка скала со интензитет од 7 степени, утрово ја погоди областа.
Подготвено од А.Ѓ.