30.01.2024 Скопје
Македонија го задржа кредитниот рејтинг ББ – со стабилен изглед од агенцијата Стандард и Пурс и покрај неповолните надворешни влијанија. Агенцијата очекува забрзан економски раст, умерено ниво на јавен долг и фискална консолидација. Позитивно влијание се очекува од напредокот во ЕУ интеграцијата, информираат од Министерството за финансии.
Во најновиот извештај Стандард и пурс очекува растот на БДП да забрза во 2024 година на 2,9% (2% во 2023) поттикнат од посилната лична потрошувачка, поддржана од реалниот раст на платите, тековните инфраструктурни проекти, вклучително Коридорите 8 и 10д, како и растот на извозот.
Според Агенцијата, како што велат од министерството, потенцијалите за раст во земјата ги неутрализираат неповолните влијание од случувањата кај главните трговски партнери, пред се Германија. Јавниот долг се нотира во Извештаот дека ќе остане на умерено ниво и ќе се стабилизира на ниво од околу 53% од БДП во периодот 2024-2027 година. Агенцијата оценува дека се преземени активности за соодветно управување и со каматните плаќања и дека тие се пониски во однос на многу други земји со сличен кредитен рејтинг.
Агенцијата посочува и на напорите за фискална консолидација. Со усвоениот Буџет за 2024 година, наведуваат понатаму од министерството, буџетскиот дефицит кој е проектиран на 3,4% покажува намалување во однос на дефицитот од 2023 година од 4,6% од БДП. Агенцијата очекува тој тренд на буџетска консолидација да продолжи со фокусот на Владата врз економскиот раст и реализација на инфраструктурните проекти. Клучно за фискалната конслидација, според Стандард и Пурс е строго придржување до правилата од новиот Закон за буџети.
Членството во ЕУ го посочуваат како клучен фактор за долгорочен структурен и институционален развој, поддршка на економскиот раст и справување со емиграциските предизвици. Клучно е спроведувањето на структурните реформи, а меѓу ризик факторите е нотирано надворешното влијание, изборниот циклус и условите на финансиските пазари. Во однос на инфлацијата посочуваат на наглото забавување во декември 2023 година и очекуваат нејзино стабилизирање.
Од страна на Стандард и пурс е посочена важноста на добиената потврда од ММФ за првиот преглед на ПЛЛ програмата и достапноста на средства од оваа Програма, како и до други извори на финансирање.
Политиките на земјата, покрај со потврдениот кредитен рејтинг од оваа Агенција, од почетокот на годината добија потврда и од ММФ и од Светска банка со новопотпишаната Рамка за партнерство, нагласуваат од Министерството за финансии.
Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.
Подготвено од М.Д.