https://www.flickr.com/photos/100954775@N03/20792962879/in/photolist-xFpnrZ-nXmWDx

05.01.2024 Скопје

По повеќе од две години, автомобилите со српски регистарски таблички можат слободно да се движат низ територијата на Косово.

Имено, Владата на Косово, на телефонска седница одржана во текот на вчерашниот ден, на 4 јануари, донесе Одлука со која одобри отстранување на налепниците од регистарските таблички на возилата регистрирани во Србија.

Одлуката, соопштија од Владата на Косово, ќе стапи во сила со денот на објавувањето во Службен весник, што е 24 часа од нејзиното усвојување.

Српските медиуми јавуваат дека Владата на Косово соопштила дека одлуката е донесена како „чин на добрососедски односи“, а откако Владата на Србија донела одлука да овозможи движење на возила со „косовски регистерски таблички“ на територијата на Србија од 1 јануари 2024 година.

Објаснувајќи го потегот на Србија, Петар Петровиќ, директор на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, рече дека одлуката е донесена од практични причини за да се овозможи слободно движење на сите возила, а особено за да се олесни животот на Србите на Косово.

„Таа одлука, која стапи во сила на 1 јануари, не значи признавање на независноста на Косово, ниту пак прејудицира утврдување на неговиот конечен статус“, објасни Петровиќ.

За потсетување, покривањето на симболите на Србија, како што се регистарските таблички, на територијата на Косово се случи на 30 септември 2021 година со посредство на Европската Унија.

Пред официјално да биде донесена ваквата одлука, Владата на Косово воспостави реципроцитетни мерки за регистарските таблички од Србија, поради што српското население од четири општини на северот на јужната српска покраина ги блокираше патиштата кон границата Јариње и Берњак на неколку дена.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author