soobrakajka-avtobus-1 laskarci

25.01.2024 Скопје

Во процесот кој започна во 2019 година беа изведени повеќе вербални и материјални докази, а беше направено вештачење и супервештачење.

Процесот го водеше судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е обвинителот Дарко Јакимовски.

Судечкиот совет при Основниот Кривичен суд Скопје денеска го прогласи за виновен обвинетиот Дурмиш Белули, сопственик на компанијата Дурмо турс и му изрече казна затвор од четири години, на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари казна затвор од шест години, а на тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои се товарат за соучество во истото дело, им изрече затворска казна од по пет години.

Најголема казна затвор од 14 години доби возачот на автобусот, Маноил Трифуновски.

На обвинетите им беше изречена и забрана за вршење професија и должност во времетраење од пет години.

Според пресудата, обвинетите Дурмиш Белули, сопственик на компанијата Дурмиш Белули и одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, не се придржувале кон прописите за безбедност во масовен сообраќај, иако биле свесни дека може да настане штетна последица и со тоа предизвикале опасност за животот на луѓето кои се превезувале со автобусот.

„Дозволиле во сообраќајот континуирано да учествува технички неисправен автобус без да преземат контрола и мерки за да има исправна состојба и да учествува во јавен сообраќај“, рече судијката Диана Груевска Илиевска.

За тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои се товарат за соучество во истото дело, се наведува дека предизвикале опасност бидејќи, според пресудата, иако воочиле дека има неисправности, дозволиле автобусот да помине на технички преглед.

„Поради утвреднените технички неисправности на автобусот, за кои биле свесни, наместо да спречат учество на автобусот во сообраќај и да пријават во Министерството за транспорт и врски, дозволиле да учествува во сообраќај неисправен автобус“, рече судијката.

Во пресудата стои дека обвинетиот Маноил Трифуновски, како професионален возач, свесен дека управува неисправно возило, на 13 февруари 2019 година, како учесник во сообраќајот го управувал автобусот со 55 патници, не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај.

Подготвено од М.Д.

About Author