10.01.2024 Скопје
Габриел Атал е назначен за нов премиер на Франција, со што стана најмладиот премиер во историјата на земјата.
Тој ја презеде функцијата премиер откако претходната премиерка Елизабет Борн поднесе оставка. Тој е еден од најблиските соработници на францускиот претседател Емануел Макрон.
Атал е најмладиот француски премиер во историјата, откако ја презеде функцијата на 34-годишна возраст, а во претходниот период ја извршуваше функцијата министер за национално образование.
Промената на премиерот доаѓа по една година одбележана со политичка криза во земјата, поради контроверзната реформа на пензискиот систем и законот за имиграција.
Исто така, промената доаѓа само пет месеци пред изборите за Европскиот парламент, при што се очекува евроскептиците да постигнат рекордни резултати на тие избори во време на широко распространето јавно незадоволство поради зголемените животни трошоци и неуспехот на европските влади да ги ограничат миграциските текови.
Во Франција, анкетите покажуваат дека партијата на Макрон заостанува зад лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен за околу осум до десет поени пред гласањето во јуни.
Подготвено од А.Ѓ.