13.01.2024 Скопје

Европската унија месецов прославува 25 години од воведувањето на единствената европска валута и оваа годишнина дава можност да се оцени како еврозоната се справи со предизвиците и спроведе реформи за да обезбеди стабилност на својата валута.

По релативната стабилност на меѓународните валути во периодот по Втората светска војна, превирањата на меѓународните валутни пазари го загрозија заедничкиот ценовен систем на заедничката земјоделска политика – главен столб на тогашната Европска економска заедница (ЕЕЗ).

Подоцнежните обиди за постигнување стабилни девизни курсеви беа погодени од нафтени кризи и други шокови сè додека не беше воспоставен Европскиот монетарен систем (ЕМУ) во 1979-та година.

Во 1989-та година, за време на претседавањето на Жак Делор, гувернерите на централните банки на земјите од ЕУ го подготвија „Извештајот на Делор“.

Тој поставува како може да се постигне Економска и монетарна унија (ЕМУ). Извештајот предложи подготвителен период во три фази од 1990-та до 1999-та година, што европските лидери го прифатија.

Еврото стана реалност на 1-ви јануари 1999-та година, кога 11 земји на ЕУ ги фиксираа своите девизни курсеви и ја доверија својата монетарна политика на ЕЦБ.

„Создавањето на еврото се однесува на потребата да се има вистински единствен пазар“, објаснува Жан-Клод Трише, поранешен претседател на ЕЦБ.

„Ова е навистина важна одлука, но и еден вид афирмација, декларација за постоењето на Обединета Европа. А она што го докажавме е дека Европејците се способни да создадат сериозна, силна валута. 79% од Европејците во еврозоната го одобри еврото. За мене тоа е најубавата награда“, додаде тој.

Според неговите зборови, најсилен впечаток оставиле „два многу интензивни периоди“.

„Финансискиот свет пропаѓаше по банкротот на „Lehman Brothers“ и многу брзо требаше да се донесат голем број исклучително важни одлуки. Ова бара значителен напор“.

Потоа, беше периодот од мај 2010-та година кој го означи вистинскиот почеток на кризата на државниот долг во Европа.

„Во мое време вкупно пет европски земји беа доведени во многу тешка ситуација. А тоа бараше, мислам, крајно храбри одлуки на погодените земји за надминување на кризата, од нивните влади и, се разбира, од Европската централна банка, која беше на првата линија во сите овие прашања“, истакна Жан-Клод Трише.

Денес, еврото е една од најважните валути во светот.

Секојдневно го користат околу 350 милиони луѓе, а освен американскиот долар, со ниту една друга валута повеќе не се тргува на светските пазари.

Покрај тоа, 60 земји и територии надвор од ЕУ, во кои живеат 175 милиони луѓе, директно или индиректно ја поврзаа својата валута со еврото.

Како опиплив знак на европскиот идентитет, еврото има корист и за потрошувачите, бидејќи цените може да се споредуваат меѓу земјите, зголемувајќи ја деловната конкуренција. Еврото исто така го олеснува, поевтино и побезбедно купувањето и продавањето во еврозоната и тргувањето со остатокот од светот.

Европската унија верува дека зајакнувањето на глобалната улога на еврото „ќе му овозможи на блокот подобро да ги заштити своите граѓани и компании, да ги поддржува своите вредности и да ги промовира своите интереси во обликувањето на светските работи во согласност со мултилатерализмот заснован на правила“.

Неколку земји-членки на ЕУ се обврзани со закон да ја усвојат единствената валута откако ќе ги исполнат неопходните економски критериуми.

Се подготвуваат нови високотехнолошки банкноти со ажуриран дизајн за да се спречи фалсификување.

Надвор од безбедносните размислувања, ЕУ се надева дека ќе го намали влијанието врз животната средина на евро банкнотите во текот на нивниот животен циклус, истовремено правејќи ги поинклузивни за Европејците од сите возрасти и потекло, вклучувајќи ги и ранливите групи како што се лицата со оштетен вид.

Во земјите што го усвоија, еврото го промени секојдневниот живот на луѓето со тоа што ги направи подостапни патувањата, пазарувањето или студирањето во странство.

Според Евробарометар, 79% од Европејците кои живеат во еврозоната ја одобруваат единствената валута за цела Европа, а 69% ја одобруваат за сопствената земја.

Меѓу најзадоволните се Финска, Ирска и Германија, а најмалку – Хрватска, Кипар и Италија.

Реформите како единствена фискална политика би можеле да и овозможат на еврозоната подобро да ги апсорбира економските шокови.

Од почетокот на војната во Украина, годишната инфлација во еврозоната достигна врв од 10,6% во октомври 2022-ра година. Потоа падна на 2,4% во ноември 2023-та година.

Од друга страна, просечната годишна инфлација од создавањето на еврото е 1,95%.

ЕЦБ, чија мисија е финансиската стабилност и одржувањето на годишната инфлација под 2%, ќе ја задржи својата посветеност во оваа насока, уверува Пјеро Циполоне, член на Извршниот одбор на ЕЦБ.

Дигиталното евро ќе отвори ново поглавје во историјата на европската валута.

„Ќе ги надополни банкнотите и монетите давајќи им на луѓето дополнителен избор на начин на плаќање“ и ќе помогне да се зајакне монетарниот суверенитет на еврозоната преку промовирање на конкуренцијата во европскиот платен сектор“, објаснуваат од ЕУ.

Дигиталното евро ќе се чува во електронски паричник создаден во вашата банка или со јавен посредник, што ќе ви овозможи да вршите електронски плаќања со вашиот телефон или картичка, онлајн и офлајн.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *