12.01.2024 Скопје
Цените на нафтата се зголемија за повеќе од два отсто во петокот откако САД и Велика Британија нападнаа воени цели на Хутите во Јемен.
Фјучерсите на суровата нафта „брент“ поскапеа за 1,53 долари или 2 отсто, на 78,94 долари за барел, додека фјучерсите на американската „Вест Тексас интермедит“ поскапеа за 1,53 долари или 2,1 отсто, на 73,55 долари.
Референтните вредности се зголемени за речиси еден процент во однос на претходниот ден.
„Геополитичките ризици продолжуваат да растат на Блискиот Исток со воздушните напади на САД и Велика Британија против Хутите во Јемен. Потенцијално позагрижувачки за нафтените пазари е запленувањето на танкер со нафта од страна на Иран во Оманскиот Залив“, рече Ворен Патерсон, шеф на стратегијата за стоки во консултантска компанија „ИНГ“.
Американските и британските напади се еден од најдраматичните демонстрации досега на ескалацијата на војната Израел-Хамас на Блискиот Исток откако избувна во октомври. Очевидци во Јемен потврдија дека има експлозии низ целата земја.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека „таргетираните напади“ се јасна порака дека САД и нивните партнери нема да толерираат напади врз нивниот персонал или „да дозволат непријателските актери да ја загрозат слободата на навигација“.
Австралија, Бахреин, Канада и Холандија ја поддржаа операцијата.
Нападите во Хат во Црвеното Море ја нарушија меѓународната трговија на клучниот пат меѓу Европа и Азија, кој сочинува околу 15 отсто од светскиот поморски сообраќај.
Од октомври, Хутите напаѓаат комерцијални бродови во Црвеното Море за да покажат поддршка за палестинската милитантна група Хамас во нејзината борба против Израел.
Подготвено од А.Ѓ.