30.01.2024 Скопје
Јапонското мало вселенско летало SLIM, кое пред неполни десет дена успеа да слета прецизно на Месечината, повторно почна со работа и ја продолжи мисијата на Земјиниот сателит, соопшти денеска Јапонската вселенска агенција (ЈАКСА).
Вградените соларни панели на леталото веројатно повторно почнале да произведуваат енергија, бидејќи претходно не можеле да го сторат тоа бидејќи поради проблеми со слетувањето не биле свртени кон Сонцето, објави „ЈАКСА“.
Комуникацијата со вселенското летало беше повторно воспоставена од „ЈАКСА“ во неделата навечер, а како што пренесува „Кјодо“, камерите на истражувачите продолжиле да фотографираат од површината на Месечината.
Операциите на SLIM се очекува да траат во следните неколку дена, соопшти агенцијата, додавајќи дека лендерот ќе бара минерал наречен оливин кој доаѓа од обвивката на Месечината, карпестиот внатрешен слој што го опкружува нејзиното јадро.
Споредувањето на минералите со примероците пронајдени на Земјата и барањето сличности би можело да обезбеди докази за хипотезата за џиновски удар, според која Месечината е формирана при судир меѓу Земјата и друга планета пред околу 4,6 милијарди години, според „ЈАКСА“.
На 20 јануари Јапонија изврши прецизно слетување на SLIM, на околу 55 метри од целта, што, по Русија, САД, Кина и Индија, влезе во историјата како петта земја што го спуштила својот модул на лунарната почва.
SLIM слета во близина на кратерот Шиоли во регионот познат како „Море од Нектар“ како што беше планирано, но поради проблеми со слетувањето, заврши во непланирана положба, со соларните панели свртени кон запад, подалеку од Сонцето.
Како резултат на тоа, соларните панели SLIM не беа во можност да генерираат електрична енергија, а лендерот работеше на батерија неколку часа пред да се исклучи.
Сепак, пред тоа успеа да направи неколку фотографии од површината на Месечината, кои „ЈАКСА“ ги објави претходно.
Подготвено од А.Ѓ.