30.01.2024 Скопје
Дваесет хуманитарни организации ги повикаа земјите донатори да ја рефинансираат Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), чиј персонал е обвинет за вмешаност во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, се наведува во заедничката изјава.
Организациите се длабоко загрижени и огорчени од суспензијата на финансирањето на УНРВА од страна на некои големи донатори во време на влошување на хуманитарната ситуација во Појасот Газа.
Меѓу потписниците се организации како „Спасете ги децата“, Норвешкиот совет за бегалци, „Оксфам“ и други.
„Ги повикуваме земјите донатори да ја потврдат својата поддршка за виталната работа што УНРВА и нејзините партнери ја прават за да им помогнат на Палестинците да ја преживеат една од најтешките хуманитарни катастрофи на нашето време. Зголемете ја хуманитарната помош за цивилите во Газа и регионот“, се вели во соопштението објавено од Оксфам.
Невладините организации, исто така, ја поздравија истрагата за наводната вмешаност на некои членови на персоналот на УНРВА во нападите на Хамас.
Шефот на УНРВА, Филипе Лазарини, минатата недела изјави дека Израел споделил со агенцијата информации за наводната вмешаност на некои негови членови во нападот врз Израел и вети дека секој што е вклучен ќе одговара за „акти на терор“.
САД, Финска, Велика Британија, Италија, Австралија, Канада, Германија и други земји брзо реагираа со суспендирање на финансирањето на УНРВА.
Подготвено од А.Ѓ.