Image by Allexxandar on Freepik

04.01.2024 Скопје

Холандската влада одзеде делови од лиценцата за извоз на група машини за производство на чипови во Кина, објави производителот ASML.

„Холандската влада неодамна повлече делови од лиценцата за испорака на системите за литографија NKST:2050i и NKST:2100i во 2023 година, што влијае на мал број клиенти во Кина“, пишува во соопштението на компанијата.

ASML доминира на пазарот за системи за литографија кои користат ласери за производство на склопови на чипови.

Во последните години, Кина е нејзиниот трет пазар според прометот, по Тајван и Јужна Кореја. Во третиот квартал од 2023 година го зазеде првото место со 46 отсто учество во продажбата.

Потегот на холандската влада следи по американската одредба од 2023 година, според која Вашингтон може да го ограничи извозот на машините „Twinscan NKST1930Di“ на ASML во Кина, доколку тие содржат делови од САД.

Група холандски парламентарци го прашаа министерот за трговија дали САД имаат право еднострано да воведат регулативи со кои се регулира извозот во Кина на друга машина за производство на чипови ASML.

Холандската компанија процени дека најновите американски ограничувања не влијаеле значително на нејзините финансиски резултати во 2023 година.

Кина во вторникот ја повика Холандија да ги „почитува пазарните принципи“, еден ден откако ASML ја објави одлуката на холандската влада.

Запрашан за потегот на холандската влада, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, во вторникот ја повика Холандија „да биде непристрасна, да ги почитува пазарните принципи и законот, да преземе практични активности за да ги заштити заедничките интереси на двете земји и нивните компании и да ја одржи стабилноста на меѓународни синџири на снабдување“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author