13.01.2024 Скопје
Старата градска болница односно Хируршката клиника „Свети Наум Охридски“ годишно пружа здравствена помош и грижа на над 120 илјади пациенти, но работи во немодернизиран објект, немање доволно современа опрема и недостаток од кадар.
Директорот на болницата Љубен Арсенков побара поддршка за проект за модернизирање на болницата со изградба на 5 хируршки сали над паркингот, а тој оперативен блок би бил поврзан со топол ходник со главниот објект на болницата, препознатлив по портокаловата боја на фасадата. На тој начин би се направилаи натстрешница над болница.
На Хируршката клиника „Свети Наум Охридски“ во центарот на Скопје беа промовирани нови апарати за дијагностика и за лекување, во вредност од милион евра, обезбедени од Министерството за здравство.
Станува збор за нови апарати за мамографија и за литотрипсија, за кршење и отстранување камења од бубрези и од уринарните патишта.
„Со овие нови апарати ќе се зголеми ефикасноста во рано детектирање на ракот на дојка, а воедно ќе се растеретат капацитетите на здравствениот систем преку тоа што ќе се даде можност овие проверки да се прават на повеќе места отколку што тоа беше случај досега. Воедно набавен е и лапароскопски столб за изведување на минимално инвазивни хируршки процедури, кој веќе е ставен во функција во оваа Клиника“, рече премиерот Димитар Ковачевски кој беше на презентацијата на опремата.
Подготвено од М.Д.