17.01.2024 Скопје
Во рамките на големата акција на УСКОК и полицијата денеска во Хрватска се уапсени 41 лице, а во тек се претреси на станови, автомобили, деловни простории.
Утрово биле приведени повеќе од десетина лица поради сомнение дека учествувале во фалсификување на дозволи за лов. Сличен е случајот со оној кога се издаваа лажни потврди за Ковид-19.
Се сомнева дека осомничените, со или без паричен надоместок, набавиле дозволи за лов од надлежните служби наведувајќи лажни податоци, а надлежните лица им ги издавале овие дозволи во замена за поткуп или без истиот.
„Полициски службеници од Службата за криминалистичка полиција на Полициската управа Вараждин во соработка со полициски службеници од Службата за економски криминал и корупција на ПНУСКОК и полициски службеници од неколку други полициски управи започнаа во среда, на 17 јануари, со вршење на повеќе доказни претреси на лица, домови и други простории, како и приватни возила и деловни простории на поголем број лица осомничени за сторени кривични дела против службената должност“, соопшти полицијата.
Истрагата опфаќа 41 лице со живеалишта во поширокото подрачје на Хрватска.
По распит на осомничените, УСКОК ќе донесе одлука за понатамошно постапување во предметниот случај, за што навремено ќе ја информира јавноста, соопшти УСКОК.
Подготвено од А.Ѓ.