16.01.2024 Скопје
Во 2023 година, според прелиминарните проценки, германската економија падна за 0,3 отсто на годишно ниво, откако порасна за 1,8 отсто во 2022 година.
Ова го соопшти германската федерална статистичка служба „Дестатис“.
„Целиот економски развој во Германија запре во 2023 година, во средина која се уште е оптоварена со кризата“, изјави претседателката на „Дестатис“, Рут Бранд, на прес-конференција.
Според неа, главни причини за економскиот пад на Германија се високите цени, неповолните услови за финансирање поради зголемувањето на каматните стапки и намалената побарувачка од земјата и странство.
Производството во германскиот индустриски сектор падна за два отсто на годишно ниво во 2023 година поради намаленото производство во секторот за снабдување со енергија, а голем пад е забележан и во германската автомобилска индустрија.
Германската градежна индустрија лани забележа мал раст од 0,2 отсто и покрај високите градежни трошоци и недостатокот на квалификувана работна сила.
Од година во година растот во германскиот услужен сектор е забавен, што е забележливо во сите главни сегменти како што се информациите и комуникациите, бизнисот и јавните услуги.
Во 2023 година, приватната потрошувачка е намалена за 0,8 отсто на годишно ниво, инвестициите за 0,3 отсто, а државната потрошувачка за 1,7 отсто.
Надворешната трговија позитивно придонела за вкупниот биланс бидејќи германскиот увоз во 2023 година се намалил повеќе од извозот.
Подготвено од А.Ѓ.