29.01.2024 Скопје
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази сочувство до католичката заедница во Истанбул во врска со нападот на црквата во кој загина едно лице и најави дека ќе бидат преземени неопходните чекори за апсење на убијците.
„За жал, ваквите убијци се појавуваат насекаде и прават невини луѓе да ја платат цената. Ги мобилизиравме сите ресурси на полицијата. Верувам дека сторителите ќе бидат фатени за кратко време. Ќе ги најдеме во рок од 24 часа“, рече турскиот претседател.
Ердоган телефонски разговарал со локалните власти и со свештеникот на католичката црква каде се случил вооружениот напад.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја претходно изјави дека нападот на католичката црква Света Марија во областа Сариер во Истанбул се случил за време на верска служба и дека едно лице е убиено.
Тој изјави дека нападот го извршиле две маскирани лица кои наводно учествувале во службата.
Подготвено од А.Ѓ.