11.01.2024 Скопје
Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа, изјави дека земјата е „во војна“ со нарко бандите кои држат како заложници повеќе од 130 затворски чувари и друг персонал.
„Ние сме во војна и не можеме да им попуштиме на овие терористички групи“, изјави Нобоа. Тој процени дека во Еквадор се активни околу 20.000 членови на криминални групи.
Земањето заложници, кое започна во раните утрински часови во понеделникот, и очигледното бегство на водачот на Лос Чонерос, Адолфо Масијас од затвор во текот на викендот, го натераа Нобоа да прогласи 60-дневна вонредна состојба.
Тој ја заостри наредбата во вторникот по серијата експлозии низ земјата и преземањето на телевизиската станица ТЦ од страна на вооружени лица во фантонки во живо на програмата.
Владата рече дека последниот бран на насилство е реакција на планот на Нобоа да изгради нови високобезбедни затвори за водачите на бандите.
Нобоа за радио станицата изјави дека проектот за двата нови објекти ќе биде објавен утре.
„Вложуваме максимални напори да ги ослободиме сите заложници. Правиме се што е можно и невозможно да ги вратиме живи и здрави“, рече Нобоа, додавајќи дека вооружените сили ги презеле напорите за спасување.
Затворската агенција СНАИ соопшти дека меѓу заложниците има 125 затворски чувари, додека 14 од нив се административни службеници.
Единаесет лица се ослободени во вторникот, се вели во соопштението.
Видеата што кружат на социјалните мрежи покажуваат дека затворскиот персонал е подложен на екстремно насилство, вклучително и пукање и бесење.
Нобоа рече дека земјата ќе започне со депортација на странски затвореници, особено Колумбијци, оваа недела за да се намали популацијата на затворите и трошоците.
Во затворот во Еквадор има околу 1.500 Колумбијци, рече Нобоа, а затворениците од Колумбија, Перу и Венецуела сочинуваат 90 отсто од затворените странци.
„Вложуваме повеќе во тие 1.500 луѓе отколку во училишен појадок за нашите деца. Тоа не е екстрадиција, тоа се заснова на претходни меѓународни договори“, рече Нобоа.
Еквадорските казни ќе бидат признаени во Колумбија само ако затворениците пристигнат преку формална репатријација, што е договорено со колумбиските власти, изјави за новинарите колумбискиот министер за правда Нестор Осуна.
„Доколку има протерување, ќе погледнеме колку луѓе, доколку пристигнат на границата, навистина треба да бидат приведени од колумбиските власти“, рече Осуна, изразувајќи ја својата „вистинска солидарност“ со народот на Еквадор.
Колумбија денеска објави дека ќе го зголеми своето воено присуство и контрола долж границата со Еквадор долга речиси 600 километри.
Во вторникот, Нобоа назначи 22 банди како терористички организации, што ги прави официјални воени цели.
Претседателот ја презеде власта во ноември, ветувајќи дека ќе се справи со растечкиот безбедносен проблем предизвикан од појавата на бандите за шверц на дрога кои транспортираат кокаин низ територијата на Еквадор.
Подготвено од А.Ѓ.