31.01.2024 Скопје
Индија би можела да стане трета по големина економија во светот до 2027 година со БДП од пет трилиони долари, објави Министерството за финансии на земјата.
Во моментов, Индија е петта по големина економија во светот, зад Соединетите Американски Држави, Кина, Јапонија и Германија.
Фискалната 2024 година во Индија започнува на 1 април 2023 година и завршува на 31 март оваа година, а Министерството за финансии на Индија очекува економски раст од седум проценти на годишно ниво или дури над седум проценти во овој период.
Доколку се оствари оваа прогноза, тоа ќе биде трета фискална година по ред за Индија со економски раст од седум отсто.
„Силата на домашната побарувачка, односно приватната потрошувачка и инвестиции, се последица на реформите и мерките спроведени од Владата на Индија во последните десет години“, рече главниот економски советник на Индија, Ананта Нагесваран.
Тој очекува дека индискиот економски раст нема да запре ниту во наредната фискална година и дека повторно ќе изнесува околу седум отсто.
Подготвено од А.Ѓ.