17.01.2024 Скопје
За време на дискусијата на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска го поддржа решението на израелско-палестинскиот конфликт врз основа на „две држави“ и посочи дека тоа е единствениот начин да се постигне траен мир во таа област.
Гутереш смета дека е неопходно да се направи нешто драстично за да можат двете заедници, Израелците и Палестинците да живеат заедно.
„Единствен начин овие две заедници да живеат заедно во мир и безбедност е секоја од нив да има држава“, нагласи генералниот секретар на Обединетите нации.
Според Гутереш, ова решение е единственото што може да зачува минимум мир и стабилност во регионот на Блискиот Исток.
Тој предупреди дека конфликтот може да се прелее и во други области, што, според него, ќе биде „катастрофа што мора да се избегне по секоја цена“.
„Многу е важно да се справиме со хуманитарната ситуација во Газа, да имаме хуманитарен прекин на огнот и да се ослободат заложниците. Многу е важно да се решат сите овие проблеми, но мораме да најдеме лек еднаш засекогаш“, заклучи Гутереш.
Годишниот состанок на Светскиот економски форум започна во понеделник во Давос под слоганот „Обнова на довербата“ и до 19 јануари ќе биде домаќин на повеќе од 100 претставници на земји, на сите големи меѓународни организации, на 1.000 партнери на Светскиот економски форум, како и на лидери на граѓанското општество, експерти, претставници на млади, социјални претприемачи и новински агенции.
Подготвено од А.Ѓ.