22.01.2024 Скопје
Рон Десантис (45), гувернерот на американската сојузна држава Флорида, се повлече од републиканската трка за претседателските избори во САД.
Одлуката е донесена откако фаворитот Доналд Трамп победи на републиканските прелиминарни избори во Ајова, додека Десантис тесно ја победи својата најблиска ривалка Ники Хејли.
Десантис го објави своето повлекување на социјалната мрежа Х и го поддржа Трамп да ги претставува републиканците на претседателските избори во САД во ноември оваа година.
По консултациите со неговиот предизборен тим, тој изјави дека има проблем да види „чист пат до победата“ во внатрепартиската трка.
Според анкетата на Универзитетот во Њу Хемпшир, Десантис има само 6 отсто од гласовите на републиканците во таа држава, додека Трамп има 50 отсто, а Ники Хејли 39 отсто.
Некои од неговите донатори на изборната кампања сакаат тој да го задржи политичкиот капитал, за да може потенцијално да се кандидира за претседател во 2028 година.
Многумина го сметаа Десантис за фаворит за републиканската номинација во 2024 година и за природен наследник на Трамп, поради неговиот воинствен стил и длабоко конзервативни ставови. На почетокот на 2023 година, во неколку анкети беше рамо до рамо со Трамп.
Сепак, поддршката што ја доби почна да опаѓа поради погрешната стратегија на кампањата, интеракцијата со гласачите која не беше доволно опуштена и несмалената популарност на Трамп кај голем дел од гласачката база на Републиканската партија.
Излегувањето на Десантис од кампањата значи дека поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации Ники Хејли сега е последниот републиканец во трката кој има шанса, иако мала, да му ја одбие номинацијата на Трамп.
Победникот во натпреварот за номинација на републиканците ќе се соочи со претседателот Џо Бајден, кој е веројатниот демократски кандидат на општите избори во ноември.
Подготвено од А.Ѓ.