19.01.2024 Скопје

Во цела Словачка вчеравечер се одржаа протести против планот на новата влада на премиерот Роберт Фицо да го ревидира кривичниот законик на земјата.

Најголемиот протестен митинг беше организиран во Братислава, каде што се собраа околу 30.000 луѓе, а демонстрации беа одржани во 15-ина други градови.

На насобраните им се обратија претставници на опозициските партии кои го критикуваа владиниот план за укинување на Специјалното обвинителство кое истражуваше случаи на корупција со промена на законот, велејќи дека со измените во законот ќе се заштитат сојузниците на актуелната власт од кривично гонење.

Покрај тоа, планот на словачката влада вклучува ограничување на заштитата за укажувачите и намалување на казните за финансиски криминал.

Европскиот парламент претходно оваа недела усвои резолуција со која ја повикува Европската комисија да преземе мерки за заштита на владеењето на правото и независноста на судството во Словачка поради најавените измени во кривичниот законик.

Резолуцијата ја поддржаа 496 од 630 европратеници кои истакнаа дека се „длабоко загрижени“ за планираните измени, додавајќи дека измените на кривичниот законик и затворањето на Специјалното обвинителство „го загрозуваат интегритетот на судските процеси и го поткопуваат борбата на Европската унија против корупцијата“.

Владата на премиерот Роберт Фицо, кој е на власт од октомври 2023 година, ги откри законските измени во декември, кои беа проследени со повеќенеделни протести предводени од прозападните либерални и конзервативни опозициски партии.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *