02.01.2024 Скопје
Градоначалниците на општините Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија, Андон Сарамандов, Митко Јанчев и Лазар Петров, осум еколошки и планинарски здруженија на граѓани, со подршка на професори од Природно математичкиот факултет, покренаа иницијатива за прогласување на планината Кожуф за Национален парк.
За таа цел, на почетокот на наредната година ќе започнат активностите за изработка на физибилити студија за валоризација на Националниот парк, која би требало да биде финансирана со средства од овие три општини, а чија изработка би траела три години. Оваа студија најнапред ќе биде доставена до Министерството за животна средина и шросторно планирање, а Владата потоа доставува предлог до Собранието на Република Северна Македонија за прогласување на планината Кожуф за Национален парк.
Доколку се оствари оваа иницијатива, се очекува не само трајно да се зачуваат природните богатства на планината „Кожуф“, туку и подем на регионалниот и туристичкиот развој на општините Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија.
Инаку, во Република Северна Македонија има четири национални парка, Пелистер, Галичица, Маврово и Шар Планина, а доколку успее иницијативата за Кожуф, тоа би бил прв Национален парк во југоисточниот дел на нашата земја.
Подготвено од М.Д.