09.01.2024 Скопје
Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија, изјави дека 9 јануари 1992 година, денот кога е основана Република Српска, е еден од најважните во поновата српска историја.
Тој рече дека српскиот народ, а не некој друг во негово име, избрал кој ден да го слави како Ден на Република Српска и дека спротивставувањето на волјата на народот значи наметнување.
„Република Српска и се што ја симболизира е израз на отпор кон какво било наметнување на српскиот народ, а тоа го имаше премногу во минатото“, рече Дачиќ.
Тој посочи дека Србија безрезервно ја почитува секоја одлука на српскиот народ во Република Српска да одлучува за својата судбина и никогаш нема да се откаже од неа.
„Денот кога е основана Република Српска, 9 јануари, е еден од најважните денови во поновата историја на српскиот народ и ние сме горди на тој датум, без разлика каде живееме. И оваа година ќе бидеме заедно со Република Српска на својот празник, особено сега кога различните притисоци и предизвици имаат тенденција да го нарушат нашето национално единство“, изјави Дачиќ.
Тој, исто така, во врска со заканите и барањата на Кристијан Шмит да ги уапси сите кои ќе бидат на прославата на Денот на Републиката во Бања Лука, посочи дека ниедно прашање не може да се реши со сила и репресија и дека кој и да се залага за тоа не и прави добро на БиХ или на Република Српска.
„Не се сеќавам дека некој висок претставник им се заканувал на обвинителството и на полицијата во врска со безброј случаи на директно уништување на Дејтонскиот договор на штета на српскиот народ и на Република Српска, на сите повици за укинување на Република Српска, да му ги одземе овластувањата на српскиот народ што му припаѓаат според Дејтонскиот договор“, рече тој.
Подготвено од А.Ѓ.