18.01.2024 Скопје
Се подготвува предлог закон од страна на владата за поедноставување на постапката за примање плата на рака од страна на лица кои се привремено или повремено вработени во одредени дејности.
Земјоделски дејности, градежен сектор, услужни дејности поврзани со подготовка на храна и сместувачки капацитети се дел од професиите кои ќе бидат опфатени со овој закон. ССМ веќе подготвува реакција бидејќи според информациите тие не се согласуваат со дел од правилата кои ќе се наложат со овој предлог закон.
Во Предлог законот се наведува дека со ова решение ќе се уредуваат начинот на работното ангажирање на лица за вршење на работи од повремена природа за одредени дејности во поедноставена постапка, потоа ќе се уредуваат правата и обврските на ангажираното лице и работодавачот начинот и постапката на пријавување и плаќањето на придонесите и даноците.
Според предлагачот, односно Министерството за труд и социјална политика, целта на овој закон е да се уреди работното ангажирање на лица за вршење на работи од привремена и повремена природа за одредени дејности. Предлог Законот предвидува одредени дејности за кои ќе важи ова решение, односно тие се дел од Националната класификација на дејности како земјоделаство, шумарство и рибарство, објекти за сместување, и сервисни дејности за храна, дејности на домаќинство, а опфатен со ова предлог решение е и градежниот сектор.
Законот предвидува и мерки за спречување злоупотреби врз работниците кои ќе бидат ангажирани. Имено, работодавачот може да ангажира лица најмногу 180 дена во текот на една година. Можат да бидат на овој начин ангажирани најмногу 10 лица или 10 отсто од вкупниот број на вработени во компанија. Работодавач не смее да ангажира лице кое било во работен однос кај истиот работодавач во период од три месеци пред ангажирање на истото лице.
Подготвено од М.Д.