03.01.2024 Скопје
Со благослов на епископот Антаниски г.Партениј игумен на Свештената бигорска Обител, божиќните празнувања, почнуваат од утре наутро, а покана за присуство имаат сите верници, кои имаат желба да го прослават светлото Рождество Христово во овој познат манастир.
Утре во 6:30 ќе биде отслужена Утрена и Божествена Литургија во спомен на Свети Наум Охридски. Во согласност со црковниот богослужбен типик, службата на Свети Наум се префрла од петок во четврток, бидејќи во петок не се служи Божествена Литургија, туку Царски Часови. Во петок, 5 јануари во 6:30 часот ќе биде отслужена Утрена богослужба со Царски Часови за Рождество Христово, додека попладне во 16 часот Вечерна богослужба.
Во сабота во 6:30 часот ќе се отслужи Утрена со Златоустова Литургија, во 15 часот Празнична Вечерна богослужба во чест на Рождеството Христово а од 18:00 до 19:30 Бадникова закуска со пеење на Божикни каланди.
Во 21:00 часот почнува сеноќно бдение во чест на светлото Рождество Христово, Големо повечерие со Литиски и Стиховни, Утрена и Божествена Василева Литургија, со којашто ќе чиноначалствува старецот на Обителта, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г.Партениј. На божиќните празнични богослужби можат да присуствуваат сите коишто имаат желба да го прослават светлото Рождество Христово во нашата свештена Обител, заедно со монашкото братство.
Оваа традиција во манастирот во Бигорски е редовно посетена од многу верници од сите краишта на земјава и пошироко.
Подготвено од М.Д.