23.01.2024 Скопје
Една третина од одбранбениот буџет е наменет за модернизација и опремување на Армијата со што Северна Македонија ги исполни двата критериуми на НАТО- Алијансата за буџетирање на одбраната – минимум 2 проценти од БДП за одбрана и најмалку 20% од овие средства за модернизација.
Министерството за одбрана ќе набави хеликоптери АгустаВестланд 149 и 159 од италијанската компанија „Леонардо“ за потребите на македонската армија.
Министерката Славјанка Петровска вчера во интервју за „360 Степени“ кажа дека набавката на хеликоптерите влегува во нова фаза откако понудата на „Леонардо“ била потврдена како најсоодветна во процесот на модернизација на хеликоптерските капацитети на македонската армија.
Минатата година, Петровска рече дека планот е да се набават 8 хеликоптери за што се пристигнати пет понуди, а набавката треба да чини над 200 милиони евра. Во март лани, македонската влада донесе одлука да ги донира сегашните 12-те армиски хеликоптери од советско производство на Украина и тогаш Петровска кажа дека во македонската армија нема место за опрема произведена во 1984 година.
Од Министерството за одбрана велат дека буџетот за одбраната годинава го надмина прагот од 2 проценти од БДП, односно изнесува 2,05% или околу 327 милиони евра.
Подготвено од М.Д.