apple

12.01.2024 Скопје

Два технолошки гиганти се борат за титулата највредна компанија во светот.

Мајкрософт го престигна Apple за прв пат од 2021 година и стана највредната компанија во светот по пазарна капитализација – што ја мери вредноста и бројот на акции на една компанија.

Мајкрософт, со седиште во Редмонд, Вашингтон, го надмина Apple за време на денешното тргување на Њујоршката берза (NYSE), кога неговата вредност се зголеми за 1,5% и достигна 2,888 милијарди долари.

Apple, со седиште во Купертино, Калифорнија, падна за 0,3% со пазарна капитализација од 2,887 трилиони долари.

Акциите на Apple се намалени за 3,3% досега во јануари, во споредба со добивката на Microsoft од 1,8%. Падот на Apple следеше по серијата намалувања и зголемената загриженост дека продажбата на iPhone, најпрепознатливиот производ на компанијата, ќе остане слаба, особено на нејзиниот клучен пазар во Кина.

„Кина би можела да биде пречка за перформансите во наредните години“, се вели во белешката до клиентите на брокерската куќа Redburn Atlantic вчера, посочувајќи на обновената конкуренција од Huawei и кинеско-американските тензии кои го зголемија притисокот врз Apple.

Акциите на Apple, чија пазарна капитализација достигна врв од 3,081 трилиони долари на 14 декември, минатата година ја завршија со добивка од 48%. Тоа беше пониско од зголемувањето од 57% од Microsoft, кој објави алатки за генерирање на вештачка интелигенција (AI) во 2023 година благодарение на поврзаноста со OpenAI, производителот на ChatGPT.

Мајкрософт накратко го презеде водството пред Apple како највредна компанија неколку пати од 2018 година, а последно во 2021 година кога загриженоста за недостигот на синџирот на снабдување предизвикан од Ковид-19 ја погоди цената на акциите на производителот на iPhone.

Во моментов, Вол Стрит е попозитивен за Мајкрософт. Компанијата нема рејтинг за „продажба“ и речиси 90% од брокерите што ја покриваат компанијата препорачуваат купување на акциите.

Apple има две оценки за „продажба“ и само две третини од аналитичарите кои ја следат компанијата препорачуваат купување на акциите. И двете акции изгледаат релативно скапи во однос на цената во однос на нивната очекувана заработка, што е вообичаен метод за вреднување на јавно тргуваните компании.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author