18.01.2024 Скопје
Скопјани во понеделник повторно ќе останат без градски превоз доколку дотогаш Советот на Град Скопје не одржи итна седница на која ќе ги изгласа субвенциите за ЈСП за 2024 година, се заканија трите репрезентативни синдикати на Јавното сообраќајно претпријатие.
Законски рок за исплата на декемвриската плата е 15 јануари, а како што посочуваат следната редовна седница на Советот на Град Скопје е закажана дури за 31 јануари.
Миќо Стојановски, претседател на еден од синдикатите во ЈСП, вели дека доколку се сака, седница може да се одржи и денеска или во сабота и недела. Парите за таа намена веќе се определени во градскиот Буџет за годинава, само, како што вели, советниците треба да ја изгласаат одлуката.
Од понеделник, 22 јануари, учениците се враќаат во училиште, започнува второто полугодие. Претседателот на синдикатот објаснува дека доколку до понеделник не се одржи бараната седница на Советот, можно е трите синдикати да се договорат да се пуштат во сообраќај одреден број автобуси за да се превезуваат учениците до училиштата.
Подготвено од М.Д.