29.01.2024 Скопје

Околу 30 илјади студенти ја користат мерката субвенциониран студентски оброк и тие на дневна основа добиваат по 140 денари за 6 дена во неделата и тоа за 9 месеци во годината. Користењето на мерката е регулирано со законско решение кое минатата година во текот на месец април на нивно барање, преку претставниците на универзитетските студентски собранија, беше изменето. Дотогаш добиваа по 120 денари дневно, а исплатата се одвиваше еднократно секој месец. Измените предвидоа зголемување на износот на 140 денари и исплата на дневна основа, изјавија од кабинетот на министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Сепак, претставниците на Универзитетското студентско собрание на Униврзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) иницирале барање субвенционираниот студентски оброк наместо дневно, да се исплаќа неделно.

Ова барање е за студентите да можат подобро да ги користат субвенциите, бидејќи досега ако не ги искористеа тие 140 денари во еден ден, студентите ги губеа парите.

„За да се овозможи поефикасно да се искористат субвенциите, ние како Универзитетско студентско собрание доставивме иницијатива и до Собранието и до Министерството за образование според која треба да се интервенира во членот кој сега ја регулира исплатата на средствата за студентски оброк на дневна основа и да се овозможи студентите или да ги користат парите што не ги потрошиле во текот на денот, некој нареден ден, или тие да се исплатуваат еднаш неделно. Наместо да се прават шест трансакции во текот на неделата, парите ќе се трансферираат еднаш во неделата. Сметаме дека овој начин на исплата е попрактичен“, кажа Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *