04.12.2023 Скопје
Земјотрес со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала го погоди западниот дел на Турција. Земјотресот е почувствуван во Бурса и Истанбул.
Земјотресот се случил на 37 километри северозападно од градот Бурса и на 12 километри од Мудања, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки институт.
Според податоците на турскиот АФАД, интензитетот на земјотресот бил измерен од 5,1 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот на земјотресот бил во Бурса, на длабочина од девет километри.
„Сите тимови на нашите надлежни институции, особено АФАД, се испратени во регионот каде што се случи земјотресот. Внимателно го следиме развојот на настаните“, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
Земјотресот бил почувствуван и во Истанбул, јавуваат локалните медиуми.
Во серијата земјотреси што ги погодија Турција и Сирија во февруари оваа година, загинаа повеќе од 50.000 луѓе, а милиони луѓе останаа без своите домови.
Подготвено од А.Ѓ.