https://www.facebook.com/photo.php?fbid=3136571573259864&set=pb.100007211555008.-2207520000..&type=3

13.12.2023 Скопје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со американските конгресмени на Капитол Хил за да упати апел во последен момент да продолжи да се испраќа воена помош во борбата против Русија, но тој беше пречекан со скептицизам од некои републиканци.

Кога Зеленски, придружуван од лидерите на Сенатот, демократот Чак Шумер и републиканецот Мич Меконел, пристигна на Капитол Хил на состанок зад затворени врати со американските сенатори, тој беше пречекан со само благ аплауз.

„Претседателот Зеленски ни кажа дека му треба помош и дека ако ја добие, може да победи во оваа војна“, изјави Шумер на новинарите по средбата.

Сепак, некои републиканци се скептични дека поголема помош би можела да и помогне на Украина да ја победи Русија, имајќи предвид дека летната контраофанзива на Украина не ги даде очекуваните резултати.

„Знам дека сите сакаат Украина да победи, но не гледам дека тоа ќе се случи наскоро“, изјави републиканскиот сенатор Рон Џонсон.

На вториот ден од посетата на Вашингтон, по разговорот со сенаторите, предвидено е Зеленски приватно да се сретне со претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, а потоа во Белата куќа ќе се сретне и со американскиот претседател Џо Бајден и ќе одржи заедничка прес-конференција со него.

На 4 декември, Белата куќа го информираше Конгресот дека почнувајќи од јануари 2024 година, владата повеќе нема да може да финансира нови испораки на оружје за Украина.

Од избувнувањето на конфликтот во февруари 2022 година, Конгресот одобри повеќе од 110 милијарди долари за Украина, но не беа доделени нови средства откако републиканците го презедоа Претставничкиот дом од демократите во јануари оваа година.

Некои републиканци, особено оние кои се тесно поврзани со поранешниот претседател Доналд Трамп, се противат на новата помош за Украина и поставуваат прашања за целите на војната и како се трошат американските пари.

Зеленски ги повика членовите на Конгресот брзо да ги решат своите спорови и да обезбедат помош за Украина.

„Ако некој е инспириран од нерешените прашања на Капитол Хил, тоа е рускиот претседател Владимир Путин и неговата болна клика“, рече Зеленски во понеделникот обраќајќи им се на воените претставници во Вашингтон.

Неодамна објавените податоци на американското разузнавање покажуваат дека Русија „изгледа верува дека воениот ќор-сокак во текот на зимата ќе ја осиромаши поддршката на Западот за Украина“ и ќе и даде предност на Русија, изјави портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author