05.12.2023 Скопје
Српскиот амбасадор во САД, Марко Ѓуриќ, го отвори Српско-американскиот економски форум кој за првпат се одржува во Лас Вегас.
Во вчерашното воведно обраќање, Ѓуриќ истакна дека Србија гледа голем потенцијал за зајакнување на врските со деловните кругови во американската сојузна држава Невада, која е домаќин на форумот, и дека со раширени раце ги поздравува сите партнери во реализацијата на идните успешни потфати.
„Србија сега е земја на убави приказни за севкупен напредок, динамичен развој и здрави амбиции. Од удвојувањето на БДП за само неколку години и привлекувањето на најголемиот дел од регионалните инвестиции, преку најсовремените фабрики, брзи возови, нова автопатска мрежа, слободна трговија и зголемување на бројот на авиокомпании „Ер Србија“ на линија со Запад и Исток, раст на животниот стандард на граѓаните, до златната цел за 2027 година во форма на светската изложба „Експо“, на која сме горд домаќин и на чии подготовки веќе напорно работиме“, рече Ѓуриќ.
Тој наведе и дека економската соработка меѓу Србија и САД е од особена важност, а позитивниот придонес за понатамошен развој на деловните и економските односи веќе се одразува преку учесниците на денешниот собир, соопшти српската амбасада во САД.
Официјални лица на сојузната држава Невада и градот Лас Вегас на амбасадорот Ѓуриќ му врачија награда во која се изразува благодарност до Амбасадата на Република Србија во Вашингтон за нејзиниот придонес во унапредувањето и зајакнувањето на трговските, туризмот и инвестициските врски, како и севкупната соработка меѓу Србија и САД.
Првиот српско-американски економски форум во Лас Вегас во организација на Стратешката европско-американска лига (SEAL) се одржа на тема поттикнување на ангажманот на дијаспората за зајакнување на билатералните економски односи.
Покрај претставниците на Српската стопанска комора, Министерството за наука, технолошки развој и иновации, кампусот БИО4 и Нишкиот кластер на напредни технологии, на настанот се собраа и претставници на американски компании кои минатата година ја посетија Србија како дел од трговската мисија на американското Министерство за трговија, Американската стопанска комора, српско-американските компании, како и бројни претставници на српската дијаспора од Невада и околните американски држави.
Подготвено од А.Ѓ.